Пишува: Бојан Кордалов, комуниколог, магистер по односи со јавност
„Економските не ги следат политичките односи меѓу нашите земји“ – ова беше една од најкористените или ако сакате „клише“ реченици во изјавите и соопштенијата по државничките посети меѓу земјите од Балканот во текот на 90те години од минатиот век.
Ваквиот кус вовед беше главната порака со која очигледно се сакало (најчесто привидно) да се прикаже дека нашиот регион оди по стапките на западните принципи на интеграција олицетворени во меѓународни сојузи на Европската Унија и НАТО Алијансата – стратешки цели на балканските земји, каде денес поголем дел сме веќе и членки.
Тоа ме наведува на една од главните тези кои ги изнесувам често во јавноста или за време на моите предавања по комуникации и односи со јавноста. Потсетувам дека основата на сѐ лежи во комуникацијата. Почнувајќи од најрана детска возраст, училиште, факултет, на работното место… Онаа личност која има јасна и аргументирана комуникација или подобри комуникациски вештини во целина, се чини дека секогаш многу полесно ја постигнува својата цел и намера.
Но, комуникацијата е основа и на секоја кавга, недоразбирање и конфликт. Ако сакате, не постои војна која се случува или се случила, а да не се базирала на шум во комуникација или, пак, свесно поттикнато недоразбирање и отежната комуникација која следствено ќе доведе до заладување на односите, вербални напади и обвинувања, а во најлоша ситуација и до конфликт и војна.
И ако се завртиме позади нас, ќе видиме дека изминатите триесетина години, нашиот регион е буквално „жртва“ на лошата комуникација. Барем во најголем дел од времето ниту политичките ги следат економските односи, а нити обратно. Балканските земји пројдоа децении на поделби, кавги, раздори, војни и конфликти и на крајот секогаш сите тие завршуваа со помалку луѓе, разорени домови, разочарани и трауматизирани луѓе, енормна сиромаштија и пропуштени шанси да изградиме држави и општества кои ќе бидат пример и ќе создадат услови за живот какви што секој наш сограѓанин и сограѓанка заслужуваат.
Ако говориме конкретно за македонско – бугарските односи и меѓудржавна комуникација, таа е навистина амплитудна и променлива оска на односи и комуникација во текот на изминативе децении. Од теми на заладени односи во социјалистичкиот свет, преку прво признавање на македонската независност од бугарска страна, но и помош за бугарските граѓани во житни култури во време на монетарниот колапс на соседна Бугарија, преку договори за решавање на отворени прашања, па сѐ до фокус на историски разлики и идентитетски спорови, но и поддршка за влез во НАТО и блокирање за македонското членство во ЕУ. Бурни децении позади нас и за жал сеуште неизвесно како декадите меѓудржавни и меѓучовечки односи кои се пред нас ќе направиме да изгледаат.
Но, да ја оставиме политиката на политичарите, а ние да се вратиме на комуникацијата. Онаа денешната, дигитална комуникација, која нема граници и која на секој од нас му овозможува да креира своевиден „медиум“ и да биде инфлуенсер/ка. Односно, во времето на интернет и глобална ера на дигитализација, кога политиката станува јавна, достапна и видлива за секого. Тешко е да скриете или ограничите нешто, без истото веднаш да биде забележано, но и без да добиете милиони различни ставови, коментари и мислења и по најточно поставените научни хипотези. Колку и да сакаат, политичарите денес не може да комуницираат и одлучуваат во тесни партиски или политички кругови, а одлуките и правото на глас не припаѓа само на „најстручните и поткованите“, туку креирањето на јавна свест и јавно мислење еднакво зависи од активното учество, придонесот и гласот на секоја личност.
Ова е време кое за комуникацијата значи многу можности, напредоци, но со себе носи и многу ризици, неправилно користење на дигиталните алатки, пропаганда, лажни вести, теории на заговор…
И секако, многу говор на омраза, често базиран на лична, но и на меѓудржавна, етничка, религиска и друга основа. Впрочем, токму говорот на омраза е еден камен на сопнување во македонско – бугарските односи и комуникација помеѓу политичките претставници од двете земји.
Меѓутоа, каде е вината, но и каде лежи решението? Од огромна важност е постојано да потенцираме дека говорот на омраза не го прават државите, нациите, религиите. Говорот на омраза секогаш и секаде го креираат личности со свој идентитет, односно име и презиме. Токму затоа, вината единствено мора да се бара онаму од каде што говорот на омраза извира, а тоа е кај оние индивидуи што избираат да биде нивна одлика.
А, говорот на омраза претставува еднакво сериозен проблем за сите земји од балканскиот регион и тоа без исклучок. За жал, интернет форумите, социјалните медиуми и другите дигитални платформи се преполни со навреди, омаловажувања и други коментари од омраза кои не поштедуваат никого. Едноставно, основата е само омразата, глорифицирање на својата национална, етничка и верска припадност, односно омаловажување на сите луѓе од другите нации, вери, етникуми или која било друга различност.
Но, бенефит од ваквиот начин на лоша комуникација нема за никој човек, ниту за една држава. Жално, но ваквиот говор не само што не е санкциониран, туку многу често е и поттикнуван од различни политички елити во сите држави на Балканот. Сведоци сме биле во многу ситуации како не се бирале средства за да се остане или дојде на власт, а уште помалку се мислело на долгорочните последици кои ќе бидат предизвика од таквото потпалување на меѓучовечките несогласувања и меѓусебните обвинувања. Понатаму, токму ова, политиката и дел од политичарите вешто го користат и се обидуваат да го капитализираат во предизборните кампањи. И така се вртиме во круг со децении пред речиси секои избори во некоја од земјите од нашиот регион.
Токму затоа е неопходно балканските политичари да соберат сили и наместо „ловци“ на евтини политички поени, принципот „раздели, па владеј“ да го заменат со визионерство, искрена комуникација со своите граѓани и соседи, како и посветена регионална соработка. Бидејќи проблемите се слични, многу често и заеднички, а решенијата ќе бидат многу посилни доколку бидат донесени и спроведени на регионално ниво. Проблемите кои почнуваат од корупцијата на сите нивоа, преку недовербата во јавните институции, па сѐ до масовното иселување на младите од балканскиот регион – многу проблеми кои се еднакво присутни секаде, а кои бараат регионален пристап во изнаоѓањето на решение, како и поддршка од западните сојузници во целокупниот процес.
Во оваа насока, предлагам да земеме само еден практичен пример. Американската амбасада неодамна објави дека специјален тим за справување со корупцијата бил во мисија во нашата држава со цел да утврди листа на политичари и други видни лица кои се поврзани со корупцијата. Речиси во исто време, бугарската апликација за членство во Шенген зоната беше одбиена од страна на Европската унија со образложение кое го содржи истиот, добро познат, клучен збор: корупција.
Сметам дека ова е само еден пример кој треба да биде мотивација за властите од двете земји да ги здружат силите и заеднички да работат на решавање на овој проблем. И секако, да ги поканат да се приклучат и останатите земји од Западниот Балкан со цел поддршка во целокупниот процес и брзи резултати на овој план. Кој би бил добитник доколку ова се случи? Сите граѓани. Која земја би изгубила? Ниедна.
Ова е само еден показател како комуникацијата може да ја користиме за поттикнување на акција, соработка и зближување меѓу балканските земји. Или, пак, спротивно на ова, политичарите да продолжат да ја злоупотребуваат и користат комуникацијата како главно оружје за поттикнување на раздор и нетрпеливост помеѓу луѓето од различните страни на балканските граници.
Поминавме и преживеавме децении, докажувајќи се која земја е подобра, поуспешна, постара, со поголема историја, со поважен народ од другите итн. Но, во исто време, не постојат индикатори дека ваквиот политички применет рецепт донел нешто добро за луѓето освен што овозможил одредени политички елити да останат или да дојдат на власт во одреден историски момент.
Дали со ваквиот пристап граѓаните се чувствуваат посреќно или позадоволно? Одговорот е не, и тоа по сите параметри, релевантни статистики и истражувања. Напротив, стандардот насекаде во регионот е на ниско ниво, сиромаштијата расте, квалитетот на живот и јавните услуги опаѓаат, ризиците се зголемуваат, а желбата на младите буквално да „избегаат“ од регионот расте.
И на крајот се поставува почетната дилема, каде се тука меѓучовечките односи? Дали конечно дојде времето каде политичките и економските односи ќе почнат да ги следат меѓучовечките односи помеѓу луѓето. Бидејќи очигледно е дека луѓето од сите балкански држави успешно се поврзуваат, согласуваат и соработуваат меѓу себе кога ќе се иселат во некоја од европските земји или на американскиот континент.
Дали конечно политичарите ќе ги засукаат ракавите, ќе почнат да ги решаваат проблемите кои се егзистенционални и ги мачат луѓето? Или, пак, ќе се продолжи со создавање на комуникација базирана единствено на историја и географија и предизборно подгревани проблеми?
Оваа анализа е дел од проектот: „Демистифицирање на (не) соседските односи на патот кон ЕУ: Случајот на Северна Македонија и Бугарија“ поддржан од Канадската амбасада во Белград, преку Kанадскиот фонд за локални иницијативи-(CFLI). Содржината на публикацијата е единствена одговорност на ЕВРОТИНК-Центар за европски стратегии и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Канадската амбасада во Белград и Канадскиот фонд за локални иницијативи.