Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Одржан почетниот настан за проектот „Медиумите за ЕУ“ Програма на граѓанското општество за учество на медиумите во преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ

На 29 март 2023, во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје, Евротинк – Центарот за европски стратегии, заедно со партнерите Европска асоцијација за локална демократија – АЛДА и Балкански институт за регионална соработка – БИРС, го одржа почетниот почетниот јавен настан (kick-off meeting) за тригодишниот проект „Медиумите за ЕУ“ Програма на граѓанското општество за учество на медиумите во преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ. Основна цел на проектот е да се надградат медиумските капацитети за покривање, следење и испитување на преговарачкиот процес за членство на Северна Македонија во Европската Унија.

Настанот го отвори извршниот директор на Евротинк, Димитар Николовски, а свои обраќања имаа и Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ во Северна Македонија и Бојан Маричиќ, Заменик на Претседателот на Владата за европски прашања.

За проектот и неговото значење зборуваа претставниците на проектниот тим: Марко Боарија од АЛДА, Лорик Идризи од БИРС и Виолета Глигороска од Евротинк.

Целта на претстојниот проект е да се подобри амбиентот за учество на медиумите во процесот на преговори за членство во ЕУ; да се зајакнат професионалните капацитети на новинарите за известување за регулативите, политиките и вредностите на ЕУ; и да се поттикне вмрежување со европските колеги и колешки од медиумскиот сектор.

Димитар Николовски ја потенцираше изворната идеја на проектот – потребата процесот на преговори на ефективен начин да се комуницира со јавноста. Тој се осврна и на големиот напредок во изминатава деценија во разбирањето на важноста медиумите слободно да го дискутираат развојот на евроинтегративните процеси со граѓаните.

Бојан Маричиќ ја истакна неопходноста од соодветно комуницирање на евроинтеграцискиот процес со граѓаните: „Мислам дека за овој процес и оваа кауза владата, невладините организации и медиумите имаат заедничка мисија. Процесот на евроинтеграции, особено со новата методологија, стана и политички процес, кој за жал кај нас сè почесто се политизира и се злоупотребува за дневна политика, што секако влијае на ставовите на граѓаните за ЕУ. (…) Што побрзо запoчнеме дискусија, толку подобро ќе можеме да им објасниме на граѓаните зошто е битно да го забрзаме влезот во поглавјата поврзани со внатрешен пазар, што добиваме доколку побрзо направиме зелена трансформација, колку тоа ќе не’ чини како држава, од каде ќе дојдат парите за тоа, како патната инфраструктура да ја доведеме до точка да биде поподготвена за кохезивните и структурните фондови кога ќе влеземе во Европската унија итн. Затоа граѓаните треба да бидат добро информирани за ЕУ и заеднички да правиме напори да се продлабочи дебатата за важноста и за сите позитивни промени и економски можности кои ги носи членството во ЕУ.“ „Убеден сум дека проектот „Медиумите за ЕУ“, кој е поддржан од Европската унија, ќе ја постигне целта и ќе придонесе во приближување на ЕУ до граѓаните и придобивките од тој европски систем за граѓаните.“, истакна Маричиќ.

Евроамбасадорот Дејвид Гир нагласи дека улогата на медиумите и на граѓанското општество ќе биде клучна во објаснувањето на процесот и анализата на предизвиците кои претстојат, во помагањето да се разбере развојот и да се донесат преговорите за пристапување поблиску до читателите, гледачите и слушателите низ целата земја. Тој ја истакна и важноста од активната улога на медиумите во контекст на глобалните и регионалните случувања: „Во изминативе неколку години се соочивме со нова итност и сериозност од страна на лидерите на ЕУ, лидерите на Западен Балкан и други, во однос на процесот на проширување. Ова само се здоби со интензитет по почетокот на војната на Русија во Украина. Сериозноста на пристапот не е заснована на алтруизам, туку на здраворазумска проценка на заеднички интерес во однос на трговијата и напредокот, безбедноста и стабилноста и демократските вредности.“

Виолета Глигороска од Евротинк накратко ја претстави структурата на проектот. „Во првата година проектот ќе се занимава со тоа како граѓаните го перципираат влегувањето на Северна Македонија во ЕУ, и што граѓаните имаат потреба подобро да разберат за евроинтеграцискиот процес. Понатаму, важен аспект ќе биде насочувањето на медиумите и медиумските професионалци за тоа што ќе биде битно и ќетреба да се следи, како тоа да се пренесе на обичниот граѓанин, новата методологија на преговори итн. Во тој правец, една од активностите ќе биде и формирање менторска школа за млади новинари и практиканти во чии капацитеи ќе инвестираме со обучувачи и ЕУ-експерти за темите, но и вмрежување на новинарските организации од земјава со медиумите од земјите членки на ЕУ со цел споделување на искуства од патот кон ЕУ.“ Во грант шемата, пак, која ќе започне следната година, ќе бидат поддржани невладини организации и медиуми од осумте плански региони.

Марко Боариа ја претстави улогата на АЛДА во проектот како дел од заложбите на организацијата за слобода на медиумите: „Важен принцип е дека плуралноста на гласовите и зголемениот број можности за дијалог водат до подобро локално управување и повеќе можности за изразување на грижите на граѓаните (…) АЛДА силно се грижи и за градењето подобра иднина за младите, и голем број проекти се фокусирани на младински иницијативи, вообичаено со универзалната цел мобилизирање активна база на млади граѓани.“

Лорик Идризи ја истакна важноста од афирмација и негување на професионалното аналитичко новинарство како една од важните цели на проектот, што ќе води кон поголемо учество на јавноста во демократскиот живот и во евроинтегративниот процес. „Против антиевропскиот наратив, чии составни делови се дезинформациите, лажните вести и разни форми на пропаганда, неопходно е да се поттикне поинаков наратив кој во себе ги вклучува европските вредности и најдобрите практики, кои нè водат до нив.“

Проектот „Медиумите за ЕУ“ Програма на граѓанското општество за учество на медиумите во преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ го спроведува „Евротинк“- Центар за европски стратегии во партнерство со АЛДА и БИРС во периодот од 01.03.2023 до 28.02.2026 година со поддршка од Европската Унија.

29/03/2023