По повод 9 мај, Денот на Европа, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, во интервју за МИА нагласи дека очекува првата меѓувладина конференција да се одржи за време на претседавањето на Германија со Европската унија.
Германија ќе го преземе претседавањето со Унијата, од Хрватска, во јули годинава.
По донесувањето на одлуката за почеток на преговорите во март годинава, Европската комисија доби мандат да ја подготви преговарачката рамка, која се очекува на почетокот на јуни. Османи очекува официјалниот старт на преговорите со првата меѓувладина конференција да се случи за време на германското претседателство, во втората половина од годинава.
„Очекувањата се реални и доколку не дојде до некои посериозни нарушување на политичките процеси во ЕУ, тие е веројатно и да се реализираат. Ние нашиот дел од придонесот го испративме до Европската комисија и сега таа се очекува да излезе со редовниот годишен извештај за состојбите и напредокот на земјава во европските интеграции. Еврокомесарот Вархеји, но и останатата администрација на Директоратот за проширување, работат да ја подготват драфт верзијата на преговарачката рамка, со која Европската комисија потоа би излегла пред администрацијата на Европскиот совет, или КОЕЛА, работно тело во кое партиципираат сите земји – членки. Оттука почнува усогласувањето на преговарачката рамка со вклучување на земјите – членки кои имаат доволно време да постигнат усогласување во втората половина од оваа година. Тука е секако клучно и претседавањето на Германија со Европската Унија во овој период, земја која е силен поддржувач, може да се рече и предводник на процесот на проширување, кои сигурно нема да ја пропуштат можноста и ќе дадат сè од себе за успех и одржување на првата меѓувладина конференција за време на нивното претседателство.“ нагласува Османи.
Во врска со домашната преговарачка структура, Османи нагласи дека веќе се формирани сите тела за политичко водење на процесот на преговори. „Од комитетот за преговори со кој претседава Премиерот, па преку моето назначување за главен политички преговарач, а дефинирани се и рамките во кои треба да се формираат и телата како што е секретаријатот за преговарачката структура, работната група за преговори, која ќе ја предводи главниот технички преговарач, итн. Уште повеќе, во рамките на процесот на стабилизација и асоцијација, ние и досега имавме работни групи низ институциите кои работеа на усогласување на европското законодавство и транспонирање на европските директиви, па тие полесно ќе се адаптираат на процесот на преговори. Сепак, и покрај долгогодишните подготовки, долгиот процес во чекалната имаше влијание и врз расејување на кадарот, напуштање на одредени работни позиции, некои и поради најобичната биолошка причина – бидејќи се пензионирани, некои затоа што ги напуштиле тие работни места, итн.“ вели Османи.
Вицепремиерот смета дека Северна Македонија, како европска земја, членка на евроатлантската алијанса, до крајот на преговарачкиот процес ќе стане полноправна членка на Европската Унија.
Извор: МИА