Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Отворањето на преговорите приоритет за германското претседателство со ЕУ

На пленарната седница во Европскиот парламент, одржана на 8 јули, германската канцеларка Ангела Меркел ја претстави програмата на германското претседателство на Советот на Европската Унија до крајот на годинава. На 1 јули, Германија го презеде претседателството вo  период од шест месеци, под мотото е „Заедно за обнова на Европа“

Во своето обраќање, Меркел ја издвои потребата Унијата да се „стреми кон напредок на земјите од Западен Балкан, на кои треба да им се даде перспектива за членството”.

Западен Балкан, Африка, Русија и Кина, борбата против дезинформациите и миграцијата ќе бидат главните приоритети за германското претседателство до крајот на 2020, во делот на надворешната политика.

Канцеларката Меркел нагласи дека Германија, како претседавач на ЕУ, до крајот на годината, ќе тежнее кон започнување на преговори за членство со Северна Македонија и „во краен случај и со Албанија”. Отворањето на преговорите со Скопје и Тирана го смета за важен сигнал за заложбата на ЕУ кон интеграцијата на Западен Балкан.

Германија планира преговорите за членство да ги стави на дневен ред на Советот на ЕУ, во ноември, доколку редовните извештаи на Европската комисија наесен покажат напредок во реформите на земјава.

09/07/2020