Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Преговарачката рамка во јуни, пакетот за проширување одложен за наесен

Еврокомесарот за проширување, Оливер Верхели, на 19 мај, потврди пред евопратениците дека објавувањето на пакетот за проширување на Европската комисија е одложено за наесен, заради пандемијата од КОВИД-19, но рамката на преговори за Северна Македонија и Албанија ќе продолжи со планираното темпо и ќе биде објавена во јуни.

„Работиме деноноќно со Ковид-19 и имајќи предвид дека е тешко да се предвиди каква ќе биде економската состојба, исто е тешко да се види како ќе се испорачаат реформите, затоа што, се разбира, КОВИД-19 ја кочи работата. Сакаме да излеземе со суштински извештај, добар извештај кој ќе даде проценка за напредокот. Мојот фокус сега е повеќе на преговарачките рамки за двете земји, Северна Македонија и Албанија. И тоа што можам да го кажам е дека ќе бидат објавени во јуни. И мислам дека ова е клучен дел за да го задржиме моментот што се создаде “, рече Верхели во Комисија за надворешни работи на Европскиот парламент.

Пакетот за проширување на Европската комисија вклучува годишна анализа на целиот процес на проширување, како и детални извештаи специфични за земјата за напредокот на земјите кандидати и потенцијалните кандидати за членство во ЕУ.

Од 2018 година, пакетот е предвидено да се објавува секоја пролет. Сепак, додека извештаите првично беа закажани за април, тогаш беа одложени за јуни, поради појавата на КОВИД-19, за повторно да бидат одложени до есен.

Според Верхели, одлуката за одложување е заради недоволни човечки ресурси и целта на неговиот кабинет е да излезе со „суштински“ извештај што ќе биде објавен наесен, заедно со планот за економски инвестиции на Европската комисија за Западен Балкан, објавен на самитот во Загреб.

20/05/2020