Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Реакции по блокадата од Бугарија

Одлуката на Софија стави вето на отпочнувањето преговори со ЕУ за Северна Македонија предизвика лавината осуди и реакции, не само во земјава, туку и низ Европа. Барањата на Бугарија се оценуваат како неразумни и како рецидив од дамнешни времиња.

Премиерот Зоран Заев, во интервју за ТВ 21, истакна дека „Немаме алтернатива и ќе продолжиме кон ЕУ. Треба да продолжиме да правиме напори во духот на градење пријателство, не конфликти. Мене ми паѓа многу тешко, затоа што верувам дека тоа не е желба на бугарскиот народ и на премиерот Бојко Борисов, туку се политики во пресрет на избори. Да им дадеме шанса на деновите пред нас, постојат уште можности“. Според Заев, македонскиот јазик и национален идентитет не може да бидат предмет на преговори, затоа што правото на самоопределување е гарантирано со Повелбата на ОН и со Лисабонскиот договор, кој е уставна основа на ЕУ.

Претседателот Стево Пендаровски оценува дека бугарските барања се спротивни на европските вредности и оти воопшто не се содржани во Договорот за добрососедство потпишан во 2017 година. Во интервју за австриската ORF TV Пендаровски посочува дека истата политичка структура во Софија која го потпишала Договорот за добрососедство и која тогаш велела дека тоа е добар договор, сега со последните барања излегува од параметрите на тој Договор.

„Никаде во Договорот од 2017 година нема ниту една единствена буква, а не член, не пасус, не преамбула, каков било дел, кој зборува дека ние треба да дебатираме во рамки на билатералните разговори за етничкото потекло на нас, Македонците. Нема ниту една единствена буква, дел, член, што било кој вели дека ние мораме да преговараме со бугарската страна за тоа дали јазикот на кој сега зборувам е македонски или не, нагласува Пендаровски.

Гудрун Штајнакер, поранешна заменик-амбасадорка на Германија во Софија и поранешна амбасадорка во Скопје, во колумната „Кој ќе го сопре бугарскиот мобинг врз Северна Македонија?“ за Дојче Веле, пишува „Сојузната германска влада мора да го искористи претседателствувањето со ЕУ, да апелира врз разумот на бугарската влада, особено на „партискиот пријател“ во ЕНП, премиер и претседател на ГЕРБ, да си ја преземат својата одговорност кон Европа и полемиките околу историјата и јазикот да им ги препуштат на експертите. Наместо ова, Борисов и неговата политичка елита во Бугарија треба повеќе да се погрижат за тоа конечно да си ги завршат домашните задачи во борбата против корупцијата и криминалот.“

Уште еден поранешен германски амбасадор во Скопје и Софија, Клаус Шрамајер, смета дека Софија се изолираше и го изгуби не само своето влијание врз Скопје, туку и довербата на сите балкански земји, и пошироко.

„Софија мора да биде претпазлива со изјавата дека Македонија не е подготвена за преговори со ЕУ. На крајот на краиштата, прашањето за усогласеност со критериумите од Копенхаген може да се однесува и на Бугарија – нешто за што Брисел досега покажуваше повеќе од големо разбирање за земјата. За разлика од Советот на Европа и Венецијанската комисија. Политички, Скопје не може да ги исполни бугарските барања без да се откаже од својот идентитет и националното самосознание.“ пишува Шрамајер.

Весела Чернева, заменик-директор на Европскиот совет за надворешна политика (ECFR) и директор на софиската канцеларија на организацијата во интервју за бугарски „Капитал” нагласува „Блокирањето на која било земја кандидат за во ЕУ не се прави врз основа на историјата и идентитетот, туку врз основа на достигнувањата, како што е примената на европското законодавство и достигнувањето на европските стандарди. Бугарија ја внесува историјата во процесот на проширување, што би го направило практично невозможно или многу тешко за останатите балкански земји да напредуваат.“

Чернева потсетува дека постојат најмалку 11 билатерални спорови на Балканот. Земјите-членки можат да имаат тврдења за тоа како една земја го применува европското законодавство, како се прилагодува на европските стандарди и ова е основа за соодветно прекинување на преговорите или враќање кон одредено поглавје. “Поентата е дека тоа не се прави врз основа на историјата и идентитетот“ нагласува Чернева.

19/11/2020