Не стивнуваат реакциите во земјава по објавата на меморандумот, што Бугарија го испрати до Европската Унија. Во пресрет на отворањето на преговорите со земјава, меморандумот содржи долги историски образложенија и обвинува за постоење „државна антибугарска идеологија“ во Северна Македонија.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи изјави дека нема официјални информации за што точно комуницираат земјите членки на дневно ниво и дека официјално до нас, нема стигнато информација дали ЕУ ќе ги прифати забелешките на Бугарија за македонскиот јазик и идентитет. Според него не треба да се наметнува негативна динамика на притисоци.
„Кога паѓа комуникацијата, се јавуваат предрасуди. Сега е добар момент да се воспостави интензивна комуникација“, смета Османи.
Тој останува на ставот дека двете земји треба да го почитуваат договорот за добрососедство, со цел да ги надминат разликите. Во однос на решавање на историските прашање треба да работат историчарите, а не да се мешаат политичарите.
Македонскиот копретседавач на Мешовитата комисија со Бугарија, Драги Ѓоргиев, посочува дека постојат различни читања на историјата, но тие не мора да водат до конфликт. Тој смета дека објаснувачкиот меморандум на Бугарија до земјите членки на ЕУ во пресрет на одлуката за започнување на преговорите со Северна Македонија, не може да биде во функција на постигнување успех на Комисијата.
„Несомнено е дека во поглед на разбирањето на историјата на регионот Македонија, постојат повеќе погледи и толкувања, особено во државите на Балканот. Така што, не постои само една „историска вистина“. Но, тоа не е причина да се настојува еден национален историски наратив, односно „историска вистина“ да се наметне врз друга. Ваквите спорови можат да се надминат само преку разбирање за погледите на соседите, без притоа тие погледи за минатото да предизвикуваат поделби и недоразбирања. Токму заради тоа, мултиперспективниот пристап во изучувањето на минатото претставува солидна основа за надминување на историско-политичките спорови. Постојат различни читања на историјата, но тие не мора да водат до конфликт, туку до дијалог кој ќе овозможи да се надминат национализмите и злоупотребата на минатото, кои ги поткопуваат темелите на современа Европа“, оценува Ѓоргиев во изјавата за Дојче Веле.
Според Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европски политики, се уште не е сигурно дали Бугарија ќе оди до крај со оваа позиција и ќе го искористи ветото ако остане осамена, и дека тоа може да биде предмет на калкулации на бугарската влада во согласност со внатрешнополитичкиот амбиент.
„Неизвесно е дали ова ќе ѝ помине на Бугарија, но она што може да биде загрижувачко е дали Бугарија ќе добие поддршка за нови услови во преговарачката рамка од оние држави кои и онака се против проширувањето на Европската унија“, нагласува Кацарска.