Брисел и Скопје со реакции по повод усвојувањето Предлог-преговарачката рамка со Северна Македонија.
Евроамбасадорот Самуел Жбогар, на својот Твитер профил, нагласува дека Северна Македонија направи уште еден важен чекор на патот кон ЕУ.
„Уште еден важен чекор за Северна Македонија на патот кон ЕУ. Европската Комисија ја испрати Предлог-преговарачката рамка до Советот на ЕУ, на разгледување од страна на земјите членки“ пишува Жбогар.
Вицепремиерот, Бујар Османи, задолжен за европски прашања, смета дека е добро што процесот се развива на почетокот на германското претседателство со ЕУ. „Добро е што ова се случува за време на германското претседателство, кои се големи поддржувачи на нашиот европски пат“ изјави Османи.
Османи нагласи дека според новата методологија предвидено е преговорите да се отворат со првиот кластер „Фундаментални права“ кој покрај клучните поглавја 23 и 24, ги опфаќа и економските критериуми, јавните набавки, функционалноста на демократските институции и реформата во јавната администрација. Кластер „Фундаментални права“ ќе се отвори прв, а ќе се затвори последен.
„Со ова се потврдува дека нема отстапување од процесот што е утврден. Интеграцијата на нашата земја во ЕУ го добива заслуженото забрзување за да се придружи кон семејството народи обединети околу европската идеја. Не можеме да не се радуваме на чекорите напред по 15 години чекање, време е конечно да ги засукаме ракавите, да го користиме овој процес, а европските стандарди да ги донесеме дома.“ изјавија на заедничката прес-конференција премиерот Оливер Спасовски и шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров.
Спасовски изрази уверување дека со помош на европските институции, а под водство на Германија, преговарачката рамка ќе ја усвојат сите земји членки и дека преговорите ќе ги започнеме и формално со првата Меѓувладина конференција.