Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Реакција на ЕУ за Парламентарните избори 2020

По повод одржувањето на Парламентарните избори, еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји и шефот на дипломатијата на ЕУ, Јосеп Борел се огласија во името на Европската Унија.

ЕУ им честита на граѓаните што го искористија своето право на глас на изборите и покрај здравствените предизвици од Ковид-19 пандемијата.

Реакцијата на ЕУ се темели врз наодите на ОБСЕ/ОДИХР и потсетува дека „правната стабилност“ е „поткопана“ поради „суштинските ревизии на законската рамка и последователните владини декрети“.

Европската Унија очекува од Македонија и нејзините институции да ги исполнат сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР на идните избори.

„Очекуваме да работиме со силен Парламент и стабилна владина коалиција која треба да ги исполни стратешките цели на земјата за интеграција во ЕУ и да одговори на очекувањата на граѓаните“, порачуваат Вархеји и Борел во заедничкото соопштение.

Македонија, според плановите на германското претседателство, треба до крајот на годинава да ја одржи првата меѓувладина конференција на која ќе се отворат првите поглавја во преговорите за членство во Унијата,. Поради тоа, ЕУ очекува од македонските власти да продолжат со реформите поврзани со приближувањето кон ЕУ, посебно во делот на владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал, и да продолжат да ги зајакнуваат добрососедските односи.

20/07/2020