Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Европска комисија: Северна Македонија напредува во борбата со корупцијата

Европската комисија, вчера го објави ажурираниот извештај за напредокот во спроведувањето реформи во правосудството, борбата против корупцијата и реформите во јавната администрација во Северна Македонија и во Албанија. Новиот извештај е објавен неколку недели пред седниците на Советот за општи работи и на Европскиот совет, на кои земјите-членки повторно ќе го отворат прашањето за пристапните преговори со земјава и со Албанија.

Еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Верхели, изрази надеж дека видливите реформи ќе ги убедат земјите-членки да донесат поинаква одлука од онаа во октомври 2019.

Извештајот истакнува дека се постигнати значајни чекори во реформата на правосудството, кои ги следат меѓународните стандарди и практики. Како позначајни се издвојуваат реформите за зголемена транспарентност во назначувањето, оценувањето и отчетноста на судиите и членовите на Судскиот совет, како и носењето на Законот за јавно обвинителство.

Постигнат е добар напредок и во истрагата, гонењето и судењето на случаи на корупција на високо ниво. Препораката е овие напори да продолжат на транспарентен начин, без разлика на позицијата или политичката припадност на осомничените. Извештајот ги истакнува триесет и осумте обвиненија, главно за злоупотреба на службената должност, во 2019 година, како и отворањето девет нови истраги против 52 осомничени. Во извештајот посебно се истакнува изрекувањето завршни зборови и пресуди против поранешниот премиер и поранешниот министер за внатрешни работи, како и обвинението за поранешната специјална обвинителка и двајца други осомничени во аферата „Рекет“.

Според Комисијата, борбата против организираниот криминал, исто така, бележи подобрувања. „Во 2019 година, првостепените пресуди беа изречени против 60 лица (во споредба со 37 лица во 2018 година). Конечни осуди беа изречени против 56 лица. Повеќето од нив се однесуваат на шверц на мигранти или неовластено производство и трговија со наркотици, психотропни супстанции и прекурзори“, се истакнува во извештајот.

Реформите во безбедносните служби и реформите во јавната администрација, исто така, бележат напредок, поради што Комисијата смета дека препораката за отворање пристапни разговори со Северна Македонија е оправдана.

Преземете го целосниот текст на извештајот.

03/03/2020