Најновиот извештај на Европската комисија (ЕК), објавен попладнево, ја оценува земјава како умерено подготвена за реформи.
Извештајот содржи оценки за пет критериуми: политичките и владеењето на правото, економскиот развој и конкурентноста, добрососедските односи и регионалната соработка и подготвеноста за исполнување на обврските од членството.
Во делот на политичките критериуми, се посочува улогата на Собранието како главен форум за конструктивен политички дијалог, кое ја исполнило својата улога преку усвојување голем број закони поврзани со ЕУ. Но, забелешката е дека Собранието многу често носело закони по скратени постапки, што според ЕК треба да биде ограничено.
Тековната реформа на разузнавачките служби се оценува во согласност со препораките и владеењето на правото, со забелешка дека треба да се зајакне капацитетот за парламентарен надзор.
Подготвеноста на земјата за реформа на јавната администрација се оценува како умерена, со одреден напредок во однос на транспарентноста, преку усвојување на Стратегијата за транспарентност 2019-2021 година, операционализација на отворениот портал за податоци на Владата и објавување податоци за државните трошоци, а се посочува и работата на Државната комисија за спречување на корупцијата во детектирање на случаите на непотизам, блискост и политичко влијание при вработување во јавниот сектор.
Умерена подготвеност за реформа се нотира и за судскиот систем во земјава, при што се забележува добар напредок во спроведувањето на стратегијата за реформа на судството во контекст на итните приоритети за реформи и препораките од Венецијанската комисија и експертската група за системски прашања за владеење на правото.
Како резултат на преземеното во последниве години, ЕК констатира дека Северна Македонија воспостави механизми за обезбедување независност на судството и отчетност. Како позитивен чекор се споменува и Законот за јавно обвинителство, со кој се најде решение за случаите од Специјалното јавно обвинителство, како и ревидираниот Закон за Советот на јавни обвинители – што според оценката на ЕК ќе придонесе за зголемување на довербата на јавноста во судството.
Ист степен на умерена подготовка се констатира и кај борбата против корупцијата, која, како што се наведува, е распространета во многу области, но се истакнува дека е постигнат добар напредок во делот на истрагата, гонењето и судењето случаите на висока корупција
За слободата на медиумите се наведува дека состојбата и климата во која работат медиумите остануваат генерално погодни и оти се овозможува критичко известување, но се забележува дека во периодот на кризата со ковид-19 и во контекст на парламентарните избори имало зголемени тензии. Забелешка има за рекламирањето
Во делот на економскиот развој се нотира дека Северна Македонија е на добро ниво на подготвеност за развој на функционална пазарна економија, но со ограничен напредок, при што се посочува дека кризата со ковид-19 оставила свои последици. Се поздравува подобрувањето на фискалната транспарентност, но има забелешка за реформските процеси во однос на даночната политика и пензискиот систем, како и на јавниот долг, кој се оценува дека не е стабилизиран.
ЕК забележува дека земјата во повеќе области е умерено подготвена да ги преземе нејзините обврски од членството во ЕУ, како што се конкурентноста, финансиската контрола, транспортот, енергијата. Добро ниво на подготвеност, пак, е нотирано во законодавствата за стопанството, царинската унија, транс-европските мрежи, науката и истражувањето. Во рана фаза се оценува дека е подготовката за слободно движење на работниците, додека за наредниот период се нагласува дека е потребно да се стави фокус на административните капацитети.
Во извештајот на ЕК дел се посветува и на мигрантите и се нагласува дека Северна Македонија игра активна и конструктивна улога во управувањето со миграциите. Земјата е една од главните транзитни рути, и ЕК забележува дека ефикасно соработува со соседните и земјите членки на ЕУ. Во овој дел ЕК нотира дека сѐ уште не е потпишан договор со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, а нагласува и дека треба да се реши проблемот со честите шверцерски активности на северната граница.
Целосниот текст на Извештајот за Северна Македонија 2020 ќе го најдете на следниот линк.