Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Унапредување на прекуграничната соработка на граѓанското општество во Северна Македонија и Бугарија

Од 28-ми до 30-ти јуни, 2023, Евротинк – Центарот за Европски Стратегии организираше работилница насловена: „Унапредување на прекуграничната соработка на граѓанското општество во Северна Македонија и Бугарија“. Настанот се осврна на досегашната соработка, предизвиците во добрососедските односи меѓу двете земји, и ги нагласи можностите за продлабочување на соработката на граѓанските општества во наредниот период. На настанот учествуваа околу 20 претставници од граѓанскиот сектор во Северна Македонија и Бугарија. Настанот беше поделен во три сесии.

Како краток заклучок од воведната сесија од оваа работилница може да се извадат неколку работи: македонското прашање се експлоатира за националистички цели од бугарските политичари, иако бугарскиот политички систем е фрагментиран наместо поларизиран. Популизмот не влијае значително на бугарското општество и постои скептицизам за приоритизирање на македонското прашање за време на политички кризи. Решавањето на проблемот може да биде од корист за Северна Македонија и Албанија, но укинувањето на ветото за Северна Македонија се смета за национално предавство во Република Бугарија, при што Франција воведе европски услови кои отстапија од црвените линии на Бугарија. Влијанието на македонското прашање на изборите е ограничено, освен во 2021 година, а актуелниот бугарски кабинет има за цел да одржи стабилност во услови на тековните тензии и инциденти во кои се вклучени припадници на Бугарската заедница.

Втората сесија беше посветена на мапирање на предизвици и актери, што се користи за разбирање на слабите точки, непријателите, сојузниците итн. Главните поенти од оваа сесија беа: општеството и во Бугарија и во Северна Македонија е фрагментирано и поларизирано, со ограничени про-ЕУ сили. За да се зајакнат про-ЕУ граѓанските организации и да се поттикне прекуграничната соработка, стратегиите вклучуваат користење медиумски платформи за засилување на гласовите, измена на регулаторните институции и медиумските политики, поттикнување координирани напори меѓу граѓанските организации и стекнување меѓународна поддршка и промовирање на концептуална рамка за усогласување на Бугарија со европски вредности. Сепак, политичките партии во Бугарија честопати им даваат приоритет на националните интереси пред усогласување со ЕУ, а поддршката од медиумите е суштинска за граѓанските организации ефективно да се застапени.

Третата сесија на работилницата се фокусираше на говорот на омраза и изводливоста за искористување на меѓународните принципи и стандарди за борба против говорот на омраза. Некои од заклучоците беа: говорот на омраза во Северна Македонија претежно ги таргетира Македонците, Албанците и Ромите, со малку пријави од страна на Бугарите, иако постојат некои инциденти поврзани со историските наративи. За промовирање на помирувањето меѓу двата народи и застапувањето на меѓународното право, комуникацијата на јазик разбирлив за јавноста е клучна, особено во услови на предизвици како што се законите на ЕУ кои не се усогласени со бугарските закони. Нагласувањето на позитивните меѓусоседски односи и реформулирање на перспективата за македонското членство во ЕУ како исполнување на мисијата на предците може да помогне да се надминат политичките манипулации и дезинформации кои ги заострија односите.

Како заклучок, работилницата разоткри важни предизвици и динамики во односите помеѓу Бугарија и Северна Македонија, вклучувајќи експлоатација на македонското прашање за националистички цели, фрагментираноста на општествата и влијанието на говорот на омраза. Предложените стратегии вклучуваат користење на медиумски платформи, координација на граѓанските организации, и комуникација на јазик разбирлив за јавноста како начини за поддршка на про-ЕУ напорите и подобрување на односите помеѓу двете земји.

Оваа прекуггранична работилница е дел од проектот: Поврзување на граѓанските општества: Северна Македонија и Бугарија, поддржан од Чешката амбасада во Северна Македонија. Евротинк кафе дебатата е единствена одговорност на ЕВРОТИНК-Центар за европски стратегии  и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Чешката амбасада во Скопје. 

 

28/06/2023