Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Кон правда за сите

 

Пишува: д-р Наталија Шикова, Меѓународен балкански универзитет

Заштитата на граѓаните од одлуките на државните органи е релативно ново општествено -политичко искуство, а во фокусот му се правата на граѓаните во рамките на модерната административна држава. Во овие релации државата има широк опфат различни должности, во кои влегуваат – одговорноста на државните власти и правните лекови достапни за граѓаните кога ќе се соочат со потенцијална злоупотреба на службената должност. Во оваа насока, политиките на ЕУ значат поддршка за владеењето на правото и за доброто управување, но истовремено помагаат за втемелување европски вредности во системот на заштита на човековите права и при промоцијата на демократијата. Политичките критериуми за пристап кон ЕУ се тесно поврзани со социјалната политика на земјата, со недискриминацијата и со темелните права. Оттаму, од најголема важност е спроведувањето на пресудите од Европскиот суд за човекови права, како и спроведувањето на препораките на европските и на другите меѓународни тела за човекови права, и тоа во врска со притворот, родовата еднаквост, правата на лицата со посебни потреби, со слободата на движење, како и во целост да се отстранат дискриминаторските практики што ја оневозможуваат правдата.

Директното влијание на европските вредности врз заштитата на човековите права може да се воочи и во правната рамка на Република Северна Македонија што во основа е во согласност со европските стандарди (освен Законот за заштита од дискриминација што е дел од преговарачката рамка и што мора да се донесе во најскоро време за да се одговори на лоцираните предизвици). Сепак, и покрај правната регулатива, одредени механизми сè уште не се целосно функционални и претставуваат потенцијална бариера за целосно уживање на правата. Потврда за ова наоѓаме во  неодамнешните случаи што против нашата земја се водеа пред Европскиот суд за човековите права. Два од нив се однесуваат на кршењето на членот 8 од Европската конвенција за човекови права – за правото на почитување на приватниот и на семејниот живот, без каква било дискриминација по кој било основ, додека, пак, еден случај укажува на неопчитување на процедурални гаранции во случај на протерување на странец (според членот 1,  од Протоколот 7 на Конвенцијата).

Во првиот случај (случајот – „Љатифи против Република Македонија“), жалителката странец, со одобрен азил и со дозвола за престој, сметаше дека не само што е неосновано протерана од територијата на државата, туку и дека таквата одлука, спротивно на одредбите од Конвенцијата – не е образложена, односно дека нејзиниот случај не е во целост испитан. Имено, поради тоа што, наводно, познавала и поддржувала лица инволвирани во кривични дела, и покрај нејзиниот легален престој во државата, Министерството за внатрешни работи оценило дека таа  претставува ризик за националната безбедност и донело наредба да ја напушти територијата. Во документот не биле наведени фактите, а  инстанците на Управниот суд  што вршеле постапка за судска ревизија ги испитале само формалните аспекти на одлуката, односно, иако врз основа на Конвенцијата требало да ја преиспитаат одлуката, тие вопшто не навлегле во причините за нејзино донесување бидејќи документот воопшто не ги ни содржел. Оттаму, Судот утврдил дека домашните судови пропуштиле правилно да испитаат дали оспорената наредба била издадена врз реална основа поврзана со националната безбедност. Според Судот, значи, на жалителката не ù биле обезбедени минималните процедурални гаранции, а подоцнежната постапка за судска ревизија не претставувала ефективен правен лек на кој таа имала право.

Вториот, скорешен случај („Трајковски и Чиповски против Република Северна Македонија“), ја следи истата логика на административно однесување. Имено, апликантите се жалеле на земање ДНК надвор од законските прописи, бидејќи во нашата држава нема законодавна рамка или друга регулатива со која би било јасно утврдено земањето, користењето, обработката, чувањето и бришењето ДНК материјал. Апликантите тврдат дека според членот 8 од Конвенцијата им е повредено правото на приватен живот, а надлежните органи, пак,  стојат на ставот дека полицијата, согласно со домашното право, има овластување да собира, обработува и да чува лични податоци од поединец, кога постои основано сомнение дека тој / таа сторил кривично дело. Одлуката на Судот е дека при определбата на опишаната ситуација биле користени прешироки термини, а овластувањата на полицијата се преобемни и дискриминирачки, односно ги загрозуваат човековите права. Згора на тоа, тврди Судот, постои нерамнотежа меѓу јавниот и приватниот интерес, а државата (како и во претходниот случај) интервенирала несразмерно и со тоа ги повредила приватните права.

Ваквата практика е несоодветна за демократско општество, но дека државните органи често ги пречекоруваат своите овластувања  може да се види и од неодамнешната одлука на Судот и во случајот „Џенифер Џеладин против Северна Македонија“. Апликантката била предмет на етничко профилирање, односно поради сомневање дека е потенцијален барател на азил, неосновано ѝ било  ограничено правото на движење. Ова не само што претставува несразмерна интервенција на властите, туку е и јасен показател дека државата не успева да обезбеди заштита од дискриминација.

Нејасните административни процедури, дополнително оптоварени и со бирократски маневри, директно влијаат врз заштитата на правата на граѓаните и врз остварување на правдата. Администрацијата во Република Северна Македонија беше и сè уште е изразено бирократска, а практиките, засновани врз административно однесување што ги надминува дадените надлежности, мора да се сменат. Несомнено, активностите на државните органи треба да се во рамките на законитоста и на владеењето на правото. Со пропуштањето да се дејствува, или пак со дејствување надвор од утврдените законски норми, се повредуваат правата, а посебно правата на ние што и онака се маргинализирани и стигматизирани од поширокото општество. Борбата за заштита на правата на сите е борба за потолерантно и инклузивно општество, во кое европските вредности играат голема улога кон препознавање на различностите и кон соодветен пристап до нив.

Овој текст е изработен во рамките на проектот „Нетрасиран пат: Граѓански ангажман во образованието, истражувањето и мониторингот поврзан со Поглавјето 24”, спроведен од ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, а финансиски поддржан од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД и Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград. Гледиштата изразени во оваа публикација се на авторот и не ги одразуваат секогаш гледиштата на Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград, Балканскиот фонд за демократија и Германскиот Маршалов фонд на САД или на нивните партнери.

07/09/2020