Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Евротинк кафе дебата: „Заеднички визии, заеднички предизвици: односите меѓу Северна Македонија-Бугарија низ призмата на младите“

На 4-ти септември 2023 година, Евротинк – Центар за европски стратегии ја одржа втората Евротинк кафе дебата насловена: „Заеднички визии, заеднички предизвици: односите меѓу Северна Македонија-Бугарија низ призмата на младите“. Оваа кафе дебата се одржа во рамките на проектот: „Поврзување на граѓанските општества: Северна Македонија и Бугарија“, проектот беше поддржан од Чешката амбасада во Скопје, а говорници на дебатата беа: г.Димитар Николовски, извршен директор на Евротинк – Центар за европски стратегии, г-а Мариа Канелопулу, прв советник, прекугранична соработка-Делегација на ЕУ, г. Мирослав Цеков, Национален младински форум-Бугарија, г-а Нина Јовановска, Младински сојуз на Крушево, г. Исак Мисини, модератор.

Според г. Димитар Николовски –  извршен директор на Евротинк, главната цел на проектот: „Civil Society Connections” е градење на взаемна доверба, спречување идни конфликти и помирување основано на взаемно разбирање и почит. Проектот треба да даде два резултати: зголемена соработка и позитивни односи меѓу претставниците на двете заедници, и изградба на поспокојна атмосфера преку расчистување на некои заблуди кои ги имаме едни за други. Г-а Нина Јовановска , од  Младинскиот сојуз од Крушево, особено ја истакна улогата на младите и колку е круцијално нивното учество во билатералните процеси. Младинскиот сојуз од Крушево, во соработка со Националниот младински форум во Бугарија, активно ги вклучува младите во дискусии и иницијативи, вклучувајќи го проектот „Collective Impact for Peace“, со цел да ги засили билатералните односи и да ја подобри соработката помеѓу Северна Македонија и Бугарија.

Според г-а Мариа Канелопулу овој настан доаѓа во вистинско време и со прав контекст, нема подобра публика која тоа ќе го прифати од младата генерација, која е таа што ќе ги имплементира овие идеи во иднината. Настаните како оваа кафе дебата, кои иако изгледаат очигледно, се од огромна важност. Перспективи можат да се разменат со само отворање врата и разговор со соседот за прашања, предизвици, идеи, амбиции, итн. Ова се работи кои се заеднички за сите млади преку соседните граници.

Г. Мирослав Цеков кон сево ова додаде дека свртувањето на фокусот од минатото кон сегашноста, создавањето на платформи за отворен дијалог и менувањето на политичкиот наратив е круцијално, особено меѓу младите луѓе, кои се привлечени кон политики што креираат можност и може да помогнат во подпомогнување на демократијата во регионот преку истакнување на заеднички проблеми и промовирање соработка. Непрекинатите и фокусирани младински политики можат да ги означат и да акцентираат на значењето на соработка, дијалог и граѓанско учество преку границите. На овие говори од публиката се надоврзаа и г. Филип Миленкоски кој е Млад Европски Амбасадор, и г. Кристијан Андреев кој е претседател  на Бугарската Младинска Асоцијација. Според младиот европски амбасадор Миленкоски, регионалната соработка со активна интеграција на младите умови е мостот кон иднината каде границите избледуваат, можностите цутат, и заедништвото го поплочува патот за долготраен прогрес. Претставникот на Бугарската Младинска Асоцијација истакна дека дебатата начна важни прашања од младинската перспектива и послужи како почетна точка за идна соработка помеѓу граѓанските организации од двете држави, што ќе придонесе кон подобра перцепција за нашите заеднички потреби.

Сите говорници од оваа кафе дебата дојдоа до сличен заклучок, а тоа е дека учеството на младите во билатералните политики и соработки е круцијално бидејќи тие се иднината и на нив е да ја скројат најдобрата можна иднина, но говорниците ги истакнаа и улогите на организациите, медиумите и политичарите како најголеми поттикнувачи во овој процес и заедно со младите двигатели кон поуспешна добрососедска иднина.

Оваа кафе дебата е дел од проектот: Поврзување на граѓанските општества: Северна Македонија и Бугарија, поддржан од Чешката амбасада во Северна Македонија. Евротинк кафе дебатата е единствена одговорност на ЕВРОТИНК-Центар за европски стратегии  и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Чешката амбасада во Скопје. 

04/09/2023